Партиите на Албанците против измена на Законот за јазиците
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека многу скоро ќе поднесе амандмани на Законот за употреба на јазиците, со кои, како што велат од партијата, ќе значат негово усогласување со препораките на Венецијанската комисија.
Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека пратениците имаат право да ги поднесат овие амандмани, но оти за нивно усвојување е потребно и т.н. Бадентерово мнозинство, што, според него, не е можно да се обезбеди, бидејќи за тоа нема расположение кај пратениците Албанци.
Исто така, тој смета дека, мислењето на Комисијата не е обврзувачко, став со кој се согласува и Алијансата за Албанците. Сурија Рашиди од Алијанса на Албанците истакна дека мислењето на Венецијанската комисија е субјективно и нетранспатрентно.
Од Движењето Беса, исто така сметаат дека промени на Законот за употреба на јазиците не е можна поради неможноста да се обезбеди Бадентеровото мнозинство. Од партијата сметаа и дека отворањето на ова прашање е дел од предизборните игри на СДСМ и ДУИ, но и на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за обезбедување политички поени.
Од СДСМ велат дека не сакаат да коментираат пред да ги видат амандманите што ќе ги предложи ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Зоран Заев најави дека деновиве ќе се формираат и работните групи кои ќе го утврдат начинот како да се имплементираат препораките од Венецијанската комисија. Тој смета дека коментирањето од сите страни по ова прашање за Законот за јазици е заради тоа што доаѓаат избори.