Во судири на границата меѓу Киргистан и Таџикистан повредени девет луѓе
Во најновите судири на границата меѓу Киргистан и Таџикистан се повредени девет луѓе, потврдуваат локалните власти и медицински извори. Од повредените шестмина се државјани на Киргистан и тројца државјани на Таџикистан.
Граничната служба на Киргистан соопшти дека во судите кои избиле во јужниот регион Баткен се повредени четворица киргистански граничари, локален пратеник и еден жител. Дел од нив се повредени од истрели од огнено оружје, соопштуваат од граничната служба.
Медицински извори од таџикистанска страна за РСЕ соопштија дека во судирите се повредени тројца цивили. За инцидентот нема официјална изјава од таџикистанските власти.
Многу погранични области меѓу овие две земји, поранешни советски републики, се спорни уште од распадот на Советскиот сојуз во 1991 година. Ситуацијата особено е комплицирана во долината Фергана, на границата меѓу Таџикистан, Узбекистан и Киргистан.
Годинава имало најмалку 10 судири долж границата на Киргистан со Таџикистан, од кои четири завршиле со загинати луѓе. Во последниот инцидент во септември загинаа четири луѓе.