Жерновски: ЕУ нема луксуз да избира помеѓу внатрешните реформи и проширувањето
ЕУ нема луксуз да избира помеѓу продлабочувањето и проширувањето, помеѓу внатрешните реформи и проширувањето и мора да направи се двата процеси да продолжат паралелно, изјави денеска заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски во обраќањето на седницата на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.
Како што јави дописникот на МИА, Жерновски оценил дека неможноста на Советот на ЕУ да донесе одлука во октомври за започнување преговори беше очигледно разочарување и создава атмосфера на неизвесност и непредвидливост на перспективата на ЕУ и поттикна потрага по алтернативи за членството во ЕУ, со што „се испратил лош сигнал до Регионот со поттикнување на регресивните и националистичките политички сили“.
Жерновски меѓудругото истакна дека Резолуцијата на Европскиот парламент донесена на 24 октомври, веднаш по октомврискиот Самит на ЕУ и посетата на претседателот на Европарламентот, Давид Сасоли на Северна Македонија и дало силно охрабрување на земјава дека европските врати не и се затворени и испрати силен сигнал до Европскиот совет да ги одржи ветувањата и прашањето за започнување на пристапните преговори да го врати на својот дневен ред.