Фон дер Лаен: Брегзит без договор е поштетен за Британија отколку за ЕУ
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, предупреди дека Брегзитот без договор повеќе ќе ѝ наштети на Велика Британија отколку на ЕУ. Таа укажа на опасност од времето што истекува за преговори создадено поради најавите на британскиот премиер Борис Џонсон да донесе закон со кој ќе се блокира продолжувањето на преодниот период.
„Во случај да не успееме да постигнеме договор до крајот на 2020 година, повторно ќе се најдеме во непријатна ситуација и тоа може да биде штетно за нашите интереси. Меѓутоа, тоа повеќе ќе влијае врз Велика Британија бидејќи ЕУ ќе продолжи да ги користи поволностите на својот единствен пазар и договорите со нашите партнери“, изјави Фон дер Лаен.
Велика Британија треба да ја напушти ЕУ на 31 јануари 2020 година и тогаш ќе почне т.н. преоден период, кој ќе важи до крајот на следната година. За да продолжи тој период, Британија треба да поднесе ново барање до јули в година, меѓутоа Џонсон најави дека планира со закон да ја блокира можноста за продолжување на тој период.