Холандските земјоделци и градежници протестираа за мерките против загадувањето
Земјоделците и градежните работници низ цела Холандија, денеска протестираа бидејќи ги губат своите работни места поради мерките на Владата за намалување на загадувањето на воздухот. Во Холандија, многу градежни проекти беа суспендирани оваа година, бидејќи домашниот суд утврди дека градежните дозволи не се во согласност со регулативите на ЕУ за заштита на животната средина.
Холандската влада се обидува да го намали загадувањето на воздухот, а парламентот во вторникот донесе закон за ново итно ограничување на емисијата на штетни азотни оксиди. Законот ги обврзува земјоделците да ги менуваат состојките на добиточна храна, се стимулира укинувањето на фармите за свињи и се намалува максималната дозволена брзина на холандските патишта од 130 на 100 километри на час.
Владата денес објави дека постигнала широк договор со коалиција на земјоделски групи за борба против емисијата на азотни оксиди, но земјоделците со трактори го блокираа главниот пат кон германската граница и паркираа трактори во центарот на Хаг.