Средношколскиот протест заврши пред министерството за животна средина
Околу двесте средношколцисо транспаренти во рака на кои пишува „Сакаме да дишеме “ протестираа пред Собранието по што маршот го продолжија пред министерството за животна средина. Претходно во неколку училишта тие бојкотираа настава и со заштитни маски излегоа во училишните дворови со порака „Нема воздух, нема мир!“.
Меѓу оние кои денеска ја бојкотираа наставата беа и учениците од средното училиште „Никола Карев“ кои објавија видео во кое се гледа дека директорката им се закани дека ќе сносат последици за своите постапки.
На ова реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму остро ги осудуваат обидите да се попречи уставно загарантираното право на мирен протест на средношколците.
По објавата на снимката скопскиот градоначалник Петре Шилегов донесе решение за разрешување на директорката на гимназијата „Никола Карев“ Горица Илиовска.
Хелсиншки најави дека ќе поднесе до Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат поради како што велат „недозволивото однесување на директори на училишта“, кои се обидоа со заплашување и закани да ги спречат учениците да излезат на денешниот Марш организиран од движењето Fridays for Future-Скопје и коалицијата „Зелен фронт“.