Предвремените избори единствена шанса за Ирак
Предвремени избори се единствен излез од сегашната ситуација во која се наоѓа Ирак, по немирите кои ја зафатија земјата, рече денеска врховниот шиитски свештеник, ајатолах Али ал Систани. Тој рече дека наскоро треба да се формира нова влада.
Повеќе од 450 луѓе, претежно демонстранти, но и припадници на безбедносните сили, се убиени откако започна бранот протести на 1 октомври. Демонстрантите, повеќето од нив млади луѓе, бараат промена на политичкиот систем што го сметаат за длабоко корумпиран, заради што многу Ирачани живеат во сиромаштија.
„Најбрзиот и најмирниот начин за излез од сегашната криза, за да се избегне непознатото или хаосот или граѓанската војна е да се вратиме на народот со одржување предвремени избори, но претходно треба да се донесе фер изборен закон“, рече Систани.
Парламентот во средата не успеа да донесе нов изборен закон, што е клучно барање на демонстрантите. Тие сакаат закон со кој изборите ќе бидат праведни, оти изборните процеси изминатите години ги следеа обвиненија за измама.