Путин присутен на пуштањето на железничкиот сообраќај на мостот до Крим
Рускиот претседател Владимир Путин денеска учествуваше на церемонијата за официјално пуштање во употреба на железничкиот сообраќај на мостот што ја поврзува Русија со окупираниот Крим.
Изградбата на мостот наиде на осуди од Украина, од СAД и од ЕУ. Според нив со мостот се крши суверенитетот на Украина. Западните земји воведоа и санкции за фирми поврзани со изградбата на мостот долг 19 километри.
Церемонијата се емитуваше во живо на руската државна телевизија, а Путин им се заблагодари на работниците за напорите да го изградат „овој огромен проект“.
Во ноември, приватната железничка компанија Гранд сервис експрес објави дека на 23 декември првиот воз ќе замине од Санкт Петербург за Севастопол и би минал 2.741 километар за 43,5 часа.
Воз од Москва до Симферопол, главниот град на Крим, пак треба да тргне утре. Се предвидува тој да помине 2.009 километри за 33 часа.
Изградбата на мостот чинеше 3,7 милијарди долари. Тој е најдолг мост во Европа, а беше пуштен за возила во мај минатата година.