Дилеми за техничкиот министер за внатрешни работи и оптимизам дека ќе се избере преодна влада
Завршија консултативните средби на претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски со премиерот Зоран Заев и со лидерот на ДУИ Али Ахмети за преодната Влада
Драган Ковачки е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи.
Премиерот Зоран Заев изјави дека проблем е што Ковачки е воено лице а според Уставот и законите со преодната Влада треба да раководи цивилно лице
"Излегува дилемата дали Уставот тоа го дозволува, како и законот за АРМ и МВР, ќе ја консултираме стручната јавност. Верувам дека тоа не единствен кандидат" изјави премиерот Заев.
Тој остави простор до понеделник да се разговара и да се постигне сосласност додавајќи дека смета оти до 3 ти јануари ќе се избере техничка влада за да се одржат изборите во април.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата рече дека предлогот за прв човек во МВР е ново име во политиката, врвен професионалец, со исклучително богата кариера.
По информациите дека Мицкоски го предлага полковникот Ковачки за прв човек во Министерството за внатрешни работи во техничката влада, реагираше министерката за правда Дескоска.
Таа го цитираше членот 97 од Уставот:
„Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, напиша Дескоска.
Инаку во врска со темата за промена на изборниот модел на средбите договорено е по завршувањето на овие избори опозицијата и власта да седнат и да разговораат на оваа тема.