Владата го прифати текстот на Предлог-законот за надворешни работи
Владата на синоќешната седница го прифати текстот на Предлог-закон за надворешни работи, што треба да овозможи реформа на дипломатската служба, нејзина целосна професионализација и приближување кон европските современи дипломатски служби.
Владината прес-служба, соопшти дека со новото решение се предлага бројот на шефовите на дипломатско конзуларните претставништва од кариерните дипломати да биде 80 отсто, а посебно внимание е посветено на структурата и раководењето со организациските единици во Министерството.
Во предлог-законот се предвидува формирање на тело Колегиум, кое има надлежности во спроведувањето на насоките на министерот за остварување на стратешките цели во надворешната политика, заземање ставови како и политиката за управување со човечки ресурси.