Османи: законот за ЈО не е услов, но е важен за Холандија и Франција
„Советот не рече имате уште еден бенчмарк, но индивидуално земјите – членки, одредени земји членки сметаат дека овој закон е важен предуслов за воспоставување на правна држава“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање по средбата со членовите на Државната изборна комисија (ДИК).
Меѓу партиските преговори за нов Закон за ЈО почнаа да губат интензитет откако во септември на лидерската средба на претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски не се дојде до договор. Потоа предметите и обвинителите од поранешното Специјално јавно обвинителство ги презема Државното јавно обвинителство, а превоговорите за нов закон за јавно обвинителство не се споменуваа често во јавноста.
Тие повторно се актуализираа откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји минатата недела во Скопје рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.