Шпанската влада побара од парламентот да го ратификува Протоколот за НАТО
„Неопходно е ратификацијата да биде по итна постапка со цел да не се одложуваат заложбите на Шпанија како сојузник во НАТО за прием на Северна Македонија во Алијансата“, се вели во образложението на шпанската Влада.
Шпанија е последна со ратификацијата на протоколот за зачленување на Северна Македонија во НАТО поради долгиот период на немање влада и повторените избори во земјата. Санчес месецов успеја да се договори за коалиција и да формира влада.
Предлог-законот за ратификација на членството во НАТО, пак веќе е во процедура во македонското собрание. Владата кон крајот на минатиот месец се одлучи за предвремена ратификација кај нас, за да не се загуби континуитетот во процесот на официјализирање на нашето членство со оглед на тоа што земјава оди на предвремени избори на 12 април, а Парламентот се распушта на 11 февруари.