Владата го усвои извештајот до УНЕСКО за Охрид
Во соопштението од Владата се наведува дека е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029), спроведена е Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Државата изработила инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро и продолжен е проектот за пренасочување на течението на реката Сатеска, стои во соопштението.
Владата го задолжува Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши надзор над изградбата на градби од прва категорија на подрачјето на општините Охрид и Струга, да провери дали градежните инспектори ги извршуваат своите обврски согласно Законот за градење, и да достави за сето тоа информација до Владата до наредната седница.