Македонците потрошиле 203 милиони евра при онлајн купување
Македонските граѓани во првите девет месеци од минатата година потрошиле 203,1 милиони евра купувајќи од домашни онлајн продавници, што претставува пораст од 84,5 проценти во однос на истиот период во 2020 година.
Асоцијацијата за е-трговија (АЕТМ) информира дека кон домашните е-трговци се слеале 215,2 милиони евра од кои 94 проценти се од домашните купувачи. Високи 87,2 проценти од вредноста на трансакците кон домашни е-продавници оствариле физичките лица.
„Растот во првите девет месеци од 2021 година во вредноста на онлајн трансакциите изнесува 68 проценти. Македонците се повеќе купуваат од домашни е-трговци, 95 проценти од вредноста на домашните е-трговци ја реализирале македонски картички (картички издадени од домашните банки)“, изјави претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.
Онлајн купување во нагорна линија
Македонците во првите девет месеци од минатата година во странство направиле трансакции вредни 58,1 милиони евра, што претставува 21,3 проценти од вкупно остварената вредност на онлајн трансакции. Во однос на истиот период претходната година остварен е раст од 28 проценти. Просечната трасакција што ја направиле Македонците во странство изнесува 26,2 евра.
Странците пак кон домашните е-трговци во првите девет месеци од 2021 година направиле промет од 12,1 милиони евра, зголемувајќи го износот на трансакции во однос на истиот период на 2020 година за 68 проценти.