САД и понудија помош на Украина по масовниот сајбер напад
САД и понудија на Украина „секаква помош што и е потребна за да се опорави“ од масовниот сајбер напад за кој Киев рече дека потекнува од Русија. Сајбер нападот со предупредувачка порака до Украинците „да се плашат и да го очекуваат најлошото“, е извршен врз веб-страниците на украинската влада во четвртокот вечерта (13-ти јануари).
Хакирани украински владини сајтови: „Очекувајте го најлошото“
Министерството за култура и информатичка политика соопшти дека „првичните податоци“ укажуваат дека нападот потекнува од Русија. Министерството додаде дека неговите експерти сугерирале дека нападот може да е поврзан со неуспехот на неодамнешните разговори меѓу Вашингтон и Москва за зголемувањето на руските трупи, како и со барањата на Кремљ, НАТО да не прима никакви поранешни советски држави, како што е Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден беше информиран за инцидентот, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
„Ќе и пружиме на Украина каква било поддршка за закрепнување“, рече портпаролот.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, „остро го осуди“ нападот и рече дека сајбер експерти од земјите-членки разменуваат информации и ги поддржуваат украинските власти на теренот.
Жозеп Борел, највисокиот дипломат на Европската унија, исто така, го осуди нападот и рече дека политичкиот и безбедносниот комитет на ЕУ и сајбер единиците ќе се состанат за да видат како да одговорат и да му помогнат на Киев.