Јоханис: Романија е подготвена за поголемо присуство на НАТО во земјата
Романија преговара со САД и Франција за начините за зголемување на бројот на војници во земјата и подготвена е за зголемено воено присуство на НАТО, изјави денеска романскиот претседател Клаус Јоханис.
Американското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека околу 8.500 американски војници се ставени во состојба на зголемена готовност и дека чекаат наредба за распоредување на источното крило на НАТО, доколку Русија ја нападне Украина. Франција, исто така, понуди да испрати повеќе војници доколку е потребно.
„По најавите на САД и Франција, ние сме во контакт со двата сојузника за воспоставување конкретни начини за реализација на нивното воено присуство. Сегашната криза уште еднаш докажува дека консолидирањето на сојузничкото присуство на источното крило, вклучувајќи ја и нашата земја, е многу важно, рече Јоханис.
Бугарија и Романија го отфрлија барањето на Русија за повлекување на војниците на НАТО
Јоханис ова го изјави по состанокот на романскиот Врховен совет за одбрана, одржан откако Русија натрупа повеќе десетици илјади војници во близина на границата со Украина. Тој додаде дека дипломатските разговори се клучни за деескалација на тензиите.
Оваа земја членка на ЕУ и НАТО, исто така, се подготвува за потенцијален прилив на бегалци од Украина, со која ја дели границата долга 600 километри.
НАТО има мултинационални копнени сили до 4.000 војници во Романија, која е членка на Алијансата од 2004 година. САД, исто така, имаат војници стационирани во посебни бази во Романија и Бугарија.