Пендаровски-Пич: Надминување на блокадата во пристапот кон ЕУ ќе донесе стабилност
На средбата, според соопштението, се разговарало и за прашањата поврзани со членството на Република Северна Македонија во Европската Унија и тековниот дијалог со Република Бугарија.
„Претседателот Пендаровски го информираше сер Стујарт Пич за напредокот на дијалогот помеѓу двете земји. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за интересот и поддршката на Обединетото Кралство за македонско-бугарскиот дијалог и подвлече дека надминувањето на блокадата за почеток на пристапните преговори со Европската Унија ќе внесе дополнителна предвидливост и стабилност на Западниот Балкан“, се наведува во соопштението.
Соговорниците, меѓу другото, како што се додава, разговарале и за одличната билатерална соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство и можностите за зајакнување на соработката меѓу двете држави и за обезбедување натамошна британска поддршка во повеќе области и форми.
Британскиот специјален претставник за Западен Балкан во дводневна посета на Скопје
Пич за време на дводневна посета на земјава ќе има средба и со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи и со министерката за одбрана Славјанка Петровска.
За време на неговиот работен престој во Скопје специјалниот претставник Сер Стјуарт ќе се сретне и со претставници на опозицијата и на дел од младинските организации во земјата. Како Специјален претставник на премиерот, Сер Стјуарт ќе работи со лидерите од Западен Балкан, и другите претставници од регионот и сојузниците од САД и Европа во поддршка и зајакнување на регионалната стабилност. Неговата работа, исто така, ќе вклучи промовирање на силни демократски институции и отворени општества, преку поддршка во справувањето со сериозниот и организиран криминал и другите заеднички безбедносни предизвици. Од Северна Македонија, тој заминува во посета на Бугарија.