ВМРО-ДПМНЕ го прошири партиското раководство
Ова вечерва го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, по Централниот комитет, кој избра нови членови на Извршниот комитет на партијата.
Ќе се согласат ли партиите за промена на изборниот модел?
Нови членови на Извршниот комитет се аналитичарот и долгогодишен граѓански активист Сашо Клековски, поранешната вицегувернерка на Народна банка Маја Кадиевска-Војновиќ, Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, доктор кој ја изврши првата трансплантација на бубрег кај дете во земјава. Тој е и претседател на Здружението на детски хирурзи на Македонија и член на европско и светско Здружение на детски хирурзи.
Во составот на Извршниот комитет се и доктор Мевмет Џафери од Маврово - Ростуше, пратениците Ели Панова од Струмица и Миле Лефков од Кочани, Луке Галески, актуелен советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје. Нови членови се и актерот Зоран Љутков од Велес, кој е и претседател на Советот на општина Велес и актуелната портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
Мицкоски соопшти дека членови на Извршниот комитет остануваат да бидат и досегашните пратеници со политичко искуство Антонио Милошоски, Дафина Стојановска, Драган Ковачки, Рашела Мизрахи, докторот Олга Лозановска од Битола, професор Трајко Славески кој е и претседател на Советот на град Скопје, Влатко Ѓорчев, градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков и Марија Андоновска, која е и координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.
По функција членови на највисокото извршно тело се и претседателот на УМС Сергеј Попов, претседателката на УЖ Жаклина Пешевска и првиот човек на Унијата на ветерани Мане Јаковлевски и координаторот на пратеничката група Никола Мицески.
Нов секретар за меѓународна соработка е Стефан Андоновски, кој е и актуелен советник во Град Скопје.