Париз го забрани собирот на камионџиите против ковид мерките
Полицијата во Париз ги забрани демонстрации на камионџиите против ограничувањата поврзани со спречување на ширењето на коронавирусот за кои веќе тргнаа конвои од некои француски градови. За да се заштити јавниот ред, протестите и блокадите планирани за викендот по примерот на сличните демонстрации што се одржаа во Канада ќе бидат забранети, објави денеска локалната париска полиција, која соопшти и дека може да преземе мерки ако луѓето не се придржуваат до забраната.
Од таму нагласија дека полицијата ќе биде мобилизирана за да се спречат блокади на улиците и оти сите прекршители ќе се соочат со високи парични казна. Реалната големина на конвоите кои тргнаа вчера е тешко властите да ја проценат. Целта на таканаречениот „Конвој на слободата“ е да се соберат на голем протест во главниот град во сабота, а се планираше и следното возење кон Брисел.
Трудо: протестот на камионџиите во Канада „мора да престане“
Со денови, илјадници луѓе демонстрираа во Канада против мерките поврзани со коронавирусот и прописите за вакцинација. Со камиони и други возила, тие меѓу другите места блокираа делови од центарот на градот на главниот град Отава. Протестите првично беа за прописите за вакцинација наменети за возачите на камиони, а потоа преминаа и во протсти за пандемичните ограничувања воопшто.