Битиќи - Нема потреба од ребаланс за минималната плата и пензиите
За зголемувањето на минималната плата и за евентуално зголемување на пензиите не треба да се прави ребаланс, бидејќи за тоа се обезбедени средства, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
„Тие се веќе испланирани во Буџетот. За пензиите, Фондот на ПИОМ има обезбедено средства за евентуално зголемување. Не треба да се грижиме дека ќе земеме од некаде за да им дадеме на пензионерите. Пензионерите се осигурени со тоа што имаат доста средства во Фондот на ПИОМ“, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната заедничка прес-конференција со министрите за економија и за образование, Крешник Бектеши и Јетон Шаќири.
До крајот на неделата се очекува да започнат разговорите со сите засегнати страни за зголемување на пензиите, рече тој.
„Она што можам да го кажам е дека исходот ќе биде задоволителен за сите страни вклучени во дијалогот“, рече Битиќи.
Никој не кажува од каде пари за повисоки плати и пензии
Во однос на мислењата на дел од експертите дека најавеното зголемување на пензиите ќе бара интервенција од Буџетот, вицепремиерот Битиќи со порака дека финансиските извештаи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за минатата година покажуваат дека има значително зголемување на приходите.
Во врска со реакциите на дел од компаниите дека се оневозможени да ги користат најавените субвенции за покривање на разликата во придонесите на зголемувањето на минималната плата, затоа што веќе користат субвенција за исплата на плати, Битиќи појасни дека тоа е направено за да нема концентрација на државна помош на исто место и за иста намена.