Град Скопје: Кривична за вработени од претходното раководство, СДСМ: Арсовска измислува лажни афери
Град Скопје денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата за поранешни и сегашни вработени во град Скопје, и тоа, како што информираа од таму против поранешниот генерален секретар на Град Скопје Викторија Аврамовска-Мадиќ, поранешниот помошник раководител на сектор за поддршка на градоначалник Ваљон Салиху, раководителот на одделението за ИКТ инфраструктура Никола Трајковски, како и вишиот соработник во одделение за координација на активности на градоначалник, Влатко Васиљ.
Од град Скопје тврдат дека претходното раководство платило над 75.000 евра за изработка на официјален веб портал на Град Скопје кој никогаш не профункционирал во целост, односно Градот платил поголема сума од реалната за ваков тип на услуга која не била реализирана како што било предвидено.
Афери за политички маркетинг или истраги и одговорност
Кривична пријава за Шилегов и Јанчева, СДСМ реагира дека тоа се непостоечки афери
На ова реагираа од СДСМ преку соопштение. Тврдат дека градоначалничката Данела Арсовска „измислува лажни афери и ги објавува на истата веб страница за која вели дека не работи“. Очигледно е дека веб страницата на Град Скопје функционира, наведуваат од партијата од чии редови беше претходникот на Арсовска, Петре Шилегов.
„Тоа што проектот се реализира во фази не е кривично дело, напротив. Арсовска треба да одговори на граѓаните зошто објавила тендер за хостинг и одржување вреден речиси 10.000 евра и дали тоа не е премногу за овој вид услуга?“, наведуваат од СДСМ.