Ковачевски-Шмигаљ: Ја имате нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет
Во телефонски разговор со неговиот украински колега Денис Шмигаљ, македонскиот премиер Димитар Ковачевски му ја изразил поддршката на Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, соопшти владината Прес-служба.
Како што се наведува во соопштението, премиерот Ковачевски порача дека Република Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската Федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”.
„Во телефонскиот разговор со премиерот на Украина, Ковачевски ја оцени постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право“, се додава во соопштението.
Ковачевски ќе разговара со Шмигљ за помошта која би и ја понудиле на Украина
Ковачевски на Шмигаљ му пренел дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва на решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.
„Претседателот на Владата Ковачевски за време на разговорот потврди дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки“, се наведува меѓудругото во соопштението.