МААЕ: Иран нагло ги зголемил резервите на збогатен ураниум
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) открила дека Иран нагло ги зголемил резервите на збогатен ураниум додека траеле разговорите за заживување на договорот од 2015 година за ограничување на нуклеарната програма на Техеран.
Неколку медиуми јавија дека МААЕ во својот последен доверлив квартален извештај објавен денеска, забележала дека Иран сега има повеќе од 33,2 килограми високо збогатен ураниум со чистота до 60 проценти, ниво кое значи дека може брзо да биде обработен за да се создаде материјал за оружје. За да се направи атомска бомба потребни се околу 25 килограми ураниум за оружје, со околу 90 проценти чистота.
Иран го преместува производството на делови за центрифуги
АП јави дека од МААЕ посочиле оти сè уште не се во можност да ги потврдат точните залихи на збогатен ураниум на Иран поради ограничувањата што Техеран им ги наметна на инспекторите на ОН минатата година.
Сепак, агенцијата соопшти дека заклучно со 19 февруари, проценила дека вкупните залихи на збогатен ураниум во Иран изнесувале 3.197 килограми што претставува зголемување за околу 707 килограми во однос на претходниот квартал.
Бројни рунди разговори, вклучително и на американски и ирански преговарачи, беа одржани во Виена во текот на изминатата година за да се постигне нов договор за замена на договорот од 2015 година, за ограничувања на иранските нуклеарни активности кои ќе донесат до олеснување на санкциите.
Американскиот претседател Доналд Трамп го повлече Вашингтон од тој договор во 2018 година и ги врати осакатувачките санкции против Иран, а Техеран последователно не се придржуваше кон некои услови од договорот.