Маричиќ: Клучот за решение е на релација Скопје-Софија, Брисел може да даде само поддршка
Денешната посета на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ и потпретседател на Еврокомисијата, Жозеп Борел на земјава е показател дека Европската унија стои до агендата за проширување и го има Западен Балкан во фокусот, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Коментирајќи ја изјавата на Борел дека „не може да вети датум за почеток на преговорите на Северна Македонија“, Маричиќ рече дека клучот за решение е меѓу Скопје и Софија, а Брисел може само да помогне и да даде поддршка на тој процес. Според Маричиќ, многу поважно е да се дојде до решение за проблемот со Бугарија.
„Лекцијата дека никој не може да ни вети датум, сме ја научиле повеќепати во претходниот период. Тоа не е ништо ново. Клучот за решавање е на релација Скопје-Софија, а Брисел и државите членки на ЕУ можат само да помогнат и да дадат поддршка на тој процес“, рече Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по примопредавањето на донацијата од Јапонската амбасада.
Борел во Скопје со добра волја, но без датум
Средбата што поранешниот премиер Зоран Заев ја имаше со бугарскиот премиер Кирил Петков на Форумот во Анталија, според Маричиќ, не треба да се протолкува никако поинаку, освен како поттик на целата атмосфера на разговори и дијалог што се води меѓу владите на Северна Македонија и на Бугарија.
Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел е на турнеја низ Балканот. Тој при посетата на Скопје не сакаше да лицитира со датум за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската унија. Борел ќе ги посетии Албанија и Босна и Херцеговина.