Државно градежно земјиште наместо за 7 ќе се продава за 210 евра по квадрат
Досега на сила е Уредбата од 2011 според кога државното градежно земјиште се продаваше по цени од 1 до 7 евра за квадрат. Тоа значи дека со новата Уредба би се продавало по цена од 70 до 210 евра по квадрат.
Предложената измена се врши поради зголемената пазарна вредност на градежното земјиште во однос на вредноста на градежното земјиште во 2005 година, кога стапи во сила Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, соопштува Владата.
Парцела да е, секој да ја знае
Минатата недела медиуми обелоденија нова приватизација на државно земјиште во центарот на Скопје. Претходно, на 10 март, редакцијата на „Само прашај“ објави дека Министерството за финансии, два дена пред Нова година, на фирмата на бизнисменот и поранешен пратеник Фатмир Етеми ѝ продала четири парцели со вкупна површина од 663 квадратни метри, во близина на зградата на Нова Македонија во центарот на Скопје по цена од 7 евра за квадратен метар. Градежникот Етеми, кој на тоа место сака да гради 15-катница, земјиштето го приватизирал за дооформување на парцела. Плацови во центарот на градот се продаваат и по 200-300 пати повисока цена од тоа.