ВМРО-ДПМНЕ предлага закон за санирање на штетите во одбраната и Армијата
ВМРО-ДПМНЕ по итна постапка поднесува Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата, за да се надминат, како што наведуваат од партијата, штетите кои настанале како последица на неодговорното и нестручно раководење со одбраната и Армијата од страна на министрите на СДСМ.
Драган Ковачки, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели дека бидејќи станува збор за итен закон, бара од претседателот на Собранието, да биде ставен како точка на дневен ред на утрешната седница.
Со нивното законско решение, велат, дека колку-толку ќе се поправи катастрофалната состојба во АРМ. Со новиот закон, предлагаат подобрување на условите за пензионирање, односно со право на пензија да може да се оди со навршување на 40 години стаж без оглед на годините на возраст за мажи, и 38 години стаж за жени. Предлагаат и да се изврши корекција во висината на пензијата.
„Со овој предлог, ги враќаме ингеренциите на НГШ на АРМ кои со последните измени му беа одземени од страна на министерот во поглед на поставување на високи офицери на служба во Армијата, со што цениме дека ќе се придонесе и за департизација и за професионализација на Армијата“, вели Ковачки.
Македонската Aрмија може да се носи со обврските од НАТО
Исто така, со овие предлог-измени, се регулира статусот на професионалните војници на кои службата во Армијата им престанува поради навршување на 45 години старост, на начин што на истите им се даваат две опции: да засноваат работен однос на неопределено време без објавување на јавен оглас, со преземање во органите на државната и локалната власт и други државни органи согласно нивната стручна подготовка или право на отпремнина, односно еднократен надоместок во износ од 1000 евра во денарска противвредност, за секоја година помината во служба во Армијата.
Ковачки се надева дека владејачкото мнозинство ќе има слух и доблест да го прифатат и поддржат ова законско решение.