Средба на Бесими со директорката на ММФ - се чека пристап до средства за земји со „здрава економија“
Министерот за финансии Фатмир Бесими се сретна со директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева во рамки на Пролетните средби во Вашингтон. Како што соопштија од Министерството за финансии, на средбата било истакнато дека добрите економски политики и економската стабилност ја квалификуваат Македонија за користење на инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ, кој се доделува исклучително на земјите со здрави економски фундаменти.
ММФ неделава објави дека Георгиева пред Бордот на ММФ ќе го претстави барањето на Република Северна Македонија за користење на оваа линија. На средбата учествувала и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
МФ ќе соработува со Трезорот на САД за подобрување на транспарентноста на јавните финансии
Бесими посочил дека фокусот на фискалната политика во претстојниот период ќе биде во насока на поддршка на стандардот на граѓаните и на стопанството, согласно предизвиците кои ги наметнуваат ценовната и енергетската криза.
„На среден рок, определбата на Владата е насочена кон постигнување одржлив економски развој, фискална консолидација и спроведување на структурните реформи“, се наведува во соопштението.
Како што претходно соопштија од Министерството за финансии, за време на Пролетните средби Бесими најавил и реструктуирање на буџетот.
„Министерот истакна дека се уште не е дефинирана прераспределбата на средства, но едно е јасно, дека тие ќе се насочат за поддршка на граѓаните и стопанството за надминување на предизвиците кои ги наметнуваат глобалните движења. Конечните проекции за БДП за 2022 ќе се знаат по завршување на анализите на Министерството за финансии, на кои се уште се работи. Во новите проекции ќе се земат предвид и најновите пролетни проекции на ММФ, кои излегоа пред неколку дена“, се наведува во соопштението.
Бесими, во рамки на Пролетните средби, имаше средби со високи претставници на Светска банка и ММФ, како потпретседателката на Светска банка Ана Бјерде и директорот на ММФ за Европа Алфред Камер, но и со Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, и високи претставници на Трезорот на САД.
Македонија има континуирана поддршка од Светска банка која е активна во земјава од 1993 година и досега има обезбедено подршка од над 2,8 милијарди американски долари во реализција на 65 проекти.