СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ го партизира и политизира штрајкот на СОНК
Од СДСМ денеска реагираа дека ВМРО-ДПМНЕ го партизира и политизира штрајкот на СОНК и со тоа, според владејачката партија, им нанесува штета на учениците и наставниците.
„Тоа е истата партија која го урниса образованието, во чие време наставниците беа понижени, уценувани и под постојан притисок. Само во образованието во изминатите 3 години во три наврати СДСМ ги зголеми платите на наставниците за над 21 отсто, додека ВМРО-ДПМНЕ за 11 години ги покачи за само 4 отсто.
Низ диајлог платите во образованието ќе се зголемат, ќе има нова методологија за постојан раст на платите. Но наставата мора да продолжи а СОНК да ги напушти уцените и да каже не на политичката агенда на ВМРО ДПМНЕ“, соопштија од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ: Владата да запре со притисоците кон СОНК
Од ВМРО-ДПМНЕ претходно порачаа дека продолжуваат притисоците од Владата кон образовниот кадар, и како што посочија, срамните манипулации од СДСМ дека тие инвестирале во образовниот процес.
Членовите на СОНК штрајкуваат од 11 април, со барање за поголеми плати. Владата понуди зголемување на платите за 10 проценти, што беше одбиено од СОНК.