НБ ја зголеми каматната стапка на 1,75 проценти
Народната банка по априлското зголемување на каматната стапка сега изврши дополнително зголемување за 0,25 процентни поени и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.
Од Народната банка информираат дека при донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања.
„Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка“, се вели во соопштението.
Најновите податоци за април, според централната банка, упатуваат на тоа дека годинава инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.
Ангеловска-Бежоска: Очекуваме забавување на растот на економијата
Државата се задолжува, а во иднина или помали плати или повисоки даноци
Од НБРМ оценуваат дека девизните резерви се во сигурна зона и девизниот пазар е стабилен. Се забележува сезонски поголема понуда на девизи. Според првичните податоци за април, годишниот раст на кредитите е солиден, при поумерен раст кај депозитите. Притоа, кај депозитите на населението се забележува раст на месечна основа во април. Оценката на Комитетот за оперативна монетарна политика е дека се неопходни претпазливи макроекономски политики заради ублажување на ефектите од кризата.