Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во посета на БиХ
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска ќе ја посети Босна и Херцеговина. Се очекува теми на разговор да бидат голем број отворени прашања, меѓу кои најактуелните се поврзани со изборниот процес во БиХ. Се претпоставува дека една од темите ќе биде и изнаоѓање средства за претстојните општи избори во БиХ во износ од 6,4 милиони евра, доколку Министерскиот совет на БиХ не донесе соодветни одлуки пред доаѓањето на Мишел во БиХ. Сараевските медиуми објавуваат дека една од темите на средбите што Мишел ќе ги има при посетата на БиХ би можела да биде продолжување на преговорите за измените на Изборниот закон, по одржувањето на општите избори закажани за октомври.
Шмит бара да се обезбедат пари за изборите во БиХ
Доаѓањето на претседателот на Европскиот совет е втора посета на Сараево на еден од највисоките претставници на ЕУ во последните два месеци. Во март БиХ ја посети европскиот комесар за заедничка надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.
Вучиќ: Мишел очекува Србија да воведе санкции против Русија
Вчера Шарл Мишел во Белград имаше средба со српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој по средбата изјави дека очекува Србија да се придржува до идејата за Европската геополитичка заедница, односно иницијативата на Мишел, чија цел е продлабочување на соработката во соочувањето со заеднички предизвици во Европа. Вучиќ оцени дека оваа иницијатива е важна за сите во Западен Балкан и оти посетата на Мишел претставува поттик на сето она што треба да се случи на 23 јуни во Брисел, на големиот самит на лидерите на ЕУ и Западен Балкан на кој ќе учествува и Србија.