ЕУ ја намалува набавката на ковид вакцини од Валнева
Европската комисија и производителот на вакцини Валнева постигнаа договор со кој во голема мера се намалува понудата на вакцини за Ковид-19 во ЕУ произведени од француската биотехнолошка компанија, се вели во соопштението на извршната власт на ЕУ.
ЕУ и Валнева во ноември потпишаа договор за набавка до 60 милиони дози, од кои околу 27 милиони се за оваа година, но доцнењето во процесот на одобрување и падот на побарувачката предизвикани од вишокот на понуда и забавувањето на вакцинацијата доведоа до тоа земјите членки на ЕУ да бараат измени на првичниот договор.
Според ревидираниот договор, Валнева се обврзува да достави 1,25 милиони дози до земјите на ЕУ, кои ќе бидат испорачани во август и септември, соопшти Комисијата.
ЕК одобри нова, осма вакцина против корона
Официјален претставник на ЕУ рече дека ревизијата на договорот вклучува опција за купување на уште 1,25 милиони вакцини пред крајот на годината.
Вакцината на Валнева, која се базира на инактивиран вирус сличен на повеќето вакцини против грип, беше одобрена од регулаторот за лекови на ЕУ минатиот месец.
Валнева е осмата компанија со која ЕК склучи договор за набавка на вакцини против Ковид -19. Претходно беа потпишани договори со Астра Зенека, Санофи, Џансен, Бионтек/Фајзер, Модерна, Кјурвак и Новавакс.