Во Бурма егзекутирани четворица активисти за демократија
Владејачката хунта во Бурма обеси четворица демократски активисти, објавија денеска државните медиуми, што предизвика силна меѓународна осуда. Бурма е позната и како Мјанмар. Егзекуциите - први во речиси 50 години - беа извршени и покрај светските молби за помилување, вклучително и од експерти на Обединетите нации. Меѓу погубените беа Фио Зеја Тау, поранешен пратеник од Националната лига за демократија (НЛД) на соборената бурманска лидерка Аунг Сан Су Чи и демократскиот активист Кјау Мин Ју. Двајца други мажи беа егзекутирани откако беа осудени на смрт за убиство на жена за која тврдеа дека била доушник на хунтата во Јангон.
САД официјално ја обвинија Бурма за геноцид на Рохинџите
Четворицата беа обвинети дека им помагале на милициите во борбата против армијата која ја презеде власта со државен удар минатата година и спроведе крвава репресија врз нејзините противници. Активистичката група, Здружението за помош на политички затвореници, соопшти дека повеќе од 2.100 луѓе биле убиени од безбедносните сили од минатогодишниот пуч. Соединетите Држави ја осудија егзекуцијата, за која рекоа дека има за цел да ги казни оние кои се бореа да ги вратат своите демократски права. Ервин Ван Дер Борхт, регионален директор на групата за човекови права Амнести интернешенел, рече дека егзекуциите се уште еден пример за грозоморното досие за човекови права во Бурма. Хјуман рајтс воч со седиште во Њујорк соопшти дека егзекуциите имале за цел да ги смират протестите против пучот.