Итен состанок на Советот за безбедност на ОН поради насилствата во Појасот Газа
Советот за безбедност на ОН денеска ќе одржи итен состанок зад затворени врати за да разговара за најновата ескалација на конфликтот меѓу Израел и палестинскиот Исламски џихад во Појасот Газа, изјави палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур. Состанокот го побараа Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), членка на Советот за безбедност на ОН, заедно со Кина, Франција, Ирска и Норвешка, се наведува во соопштението. Одлуката за состанокот е донесена неколку часа откако палестинската мисија во ОН им се обрати на членките на Советот за безбедност на ОН и ги повика, како што се наведува во соопштението на кабинетот на палестинскиот амбасадор, „да ги преземат (своите) одговорности да ја запрат израелската агресија врз палестинскиот народ во појасот Газа и да обезбеди меѓународна заштита за палестинскиот народ“.
Палестинската милитантна група го потврди примирјето со Израел во Газа
Конфликтот меѓу Израел и Исламскиот џихад во Појасот Газа започна во петокот попладне со израелски воздушни напади на палестинска територија. Во најжестокиот конфликт од војната во Газа минатиот мај, најмалку 29 Палестинци загинаа, меѓу кои шест деца и четири жени, а 253 беа ранети, соопшти палестинското Министерство за здравство во Појасот Газа. Синоќа стапи во сила примирје, но според некои извештаи тоа не се почитувало.