ДЗСИ го истражува случајот со 25 годишното момче кое починало по хируршка интервенција на заб
Здравствениот инспекторат денеска врши вонреден инспекциски надзор во болницата во Штип, по допрен глас за смртта на младиот пациент од Берово, кој починал по извршена хируршка интервенција на заб.
Од инспекторатот дополнително најавуваат дека проверка ќе извршат и во сите други здравствени установи каде пациентот бил лекуван.
„Доплнително ќе се извршат и вонредни инспекциски надзори во сите здравствени установи каде пациентот побарал лекарска помош и тоа: матичен лекар, матичен стоматолог , итна медицинска помош Берово и Клиника за анестезија, ренимација и интензивно лекување – Скопје при што ќе биде обезбедена медицинската документација поврзна со лекувањето на пациентот“, соопштија од инспекторатот.
Од таму дополнително велат дека ќе иницираат и формирање на комисија за стручен надор до министерот за здравство.
Откако млад пациент почина од сепса вонредна инспекција во штипска болница
Случајот за смртта на 25 годишното момче се прошири по социјалните мрежи откако негови блиски објавија сведоштво во кое велат дека поради лекарска грешка младиот беровчанец починал од сепса поради погрешно поставен дрен
„Само во нашата држава ,само со нашето здравство, само со нашите „професионални“ доктори во штипската болница може да се случи ова: Со 20 годишен сташ да направиш интервенција на заб и да ставиш еден обичен дрен наопаку. Па да предизвикаш сепса и пациентот да го пратиш дома со што предизвика на Ванчо животот да згасне на само 25 години“, беше објавено на социјалните мрежи.