Бектеши: ќе се постапува во сите општини каде што има загуба на струја
Општина Арачиново ќе биде една од општините што ќе биде позитивен пример и за другите општини, дека навистина елементарните прашања како што е снабдувањето со електрична енергија, но и обврските што ги имаме како граѓани, ќе се одвиваат на фер и непристрасен начин, не дискриминирајќи никого, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши во денешната емисија КликПлус на ТВ21. Истовремено, според него, обврска на институциите, почнувајќи од локалната до централната власт е да создадат основни услови за сите жители и да побараат од жителите да си ги исполнат обврските. Тој истакна дека во општина Арачиново со 80 насто загуба на електрична енергија врз основа на податоците на ЕВН, направената штета е од 5 до 6 милиони евра, што е меѓу 10 проценти од вкупната штета.
Владата прогласи енергетска криза
„Во моментов загубите на електрична енергија на државно ниво се близу 100 милиони евра по сегашни цени“, рече Бектеши, додавајќи: „Со последните измени на законите кај нас, злоупотребата на електрична енергија е кривично дело и обврска на државните институции е да не дозволуваат злоупотребата на електричната енергија бидејќи на ЕВН им се прифаќаат загубите на електрична енергија во мрежата при формирањето на цената на струјата од страна на РКЕ, затоа институциите не треба да дозволуваат да се злоупотребува струјата до овој степен, бидејќи тоа влијае врз цената на енергијата за секој граѓанин и секоја општина. Секој потрошувач на струја има исти обврски“.