Премиерот Ковачевски очекува преговорите со ЕУ да завршат до 2030 година
Владата донесе одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, информира денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски. Вицепремиерот Бојан Маричиќ ќе биде главниот преговарач, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како странски експерти. Ковачевски верува дека институциите имаат капацитет за преговори со ЕУ и очекува квалитетна и ефикасна структура што ќе се носи со предизвиците и оти целиот процес ќе биде инклузивен и транспарентен процес.
Ковачевски: Имаме јасен патоказ кон ЕУ
Тој упати апел за општествен консензус за постигнување на напредок кон ЕУ, како и повик до опозицијата да учествува, да го поддржи и помогне процесот. „Преговорите треба да се одвиваат со забрзана динамика и што побрзо да се затворат. Завршување на преговорите до 2030 година е цел која е достижна“, рече Ковачевски кој изјави дека очекува Северна Македонија да се приклучи на ЕУ при следното проширување и да стане дел од Унијата со заштита на државните интереси.