Агенцијата за лични податоци ќе го проверува хакерскиот напад на МОН
Министерството за образование и наука (МОН) досега не доставило до Агенцијата за заштита на лични податоци известување за нарушување на безбедноста на личните податоци. Пред два дена веб страницата на Министерството за образование беше цел на хакерски напад. Неколку часа на веб страницата на ова министерство стоеше пораката „Хакирано од грчкиот хакерски тим Netwatchers“.
„Досега во Агенцијата, од страна на Министерството за образование и наука (МОН) нема доставено известување за нарушување на безбедноста на личните податоци. Агенцијата по службена должност ќе истражи и провери дали дошло дo нарушување на безбедноста на личните податоци кои се обработуваат на веб страницата на МОН, односно дали обработката на личните податоци е во согласност со правилата на Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Северна Македонија 42/20 и 294/2021). Во зависност од состојбата Агенцијата може да поведе постапка на вршење вонредна супервизија“, соопштиле за МИА од Агенцијата за заштита на личните податоци.
Хакерски напад на вебот на МОН, од Министерството тврдат дека нема опасност за податоците
Веб -страната на МОН и денеска не е достапна за јавноста. Од МОН посочија дека нема потреба од грижи за наводно преземање на некакви бази на податоци на граѓаните, затоа што на веб страната не постојат такви позадински бази и истата има информативен карактер.