Радев - На Бугарија ѝ треба стабилна влада
Претседателот на Бугарија Румен Радев за време на средбата со претставниците на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, кои учествуваат во мисијата за следење на претстојните парламентарни избори на 2 октомври, рече дека на неговата земја ѝ треба стабилна редовна влада и функционално Собрание со долгорочен хоризонт, за да може да се носат и следат стратешки одлуки за државата, соопштија од прес-службата на шефот на државата.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ на 31 август отвори мисија за следење на предвременото парламентарно гласање во Бугарија.
Во Бугарија почна предизборната кампања за парламентарните избори
Радев посочи дека за да се зголеми излезноста на гласачите и да се постигне висок легитимитет на изборите, партиите и кандидатите за пратеници својата предизборна кампања треба да ја градат на конкурентни програми и работни решенија за излез од кризите, а не на лични напади.
Друго важно прашање, според него, е довербата во машинското гласање, што граѓаните на Бугарија го прифаќаат како фактор за елиминирање на високиот процент неважечки ливчиња пријавувани во минатото, како и за спротивставување на купениот и корпоративниот глас.
Радев рече дека во овој процес важна е улогата не само на институциите, туку и на политичките партии.
„Слободните избори и масовното граѓанско учество на нив се столб на секое демократско општество“, порача претседателот на Бугарија и ја истакна потребата „партиите да не палат мостови меѓу себе за време на изборната кампања“, бидејќи за неколку недели тие ќе треба да работат за владејачко мнозинство и формирање влада во земјата.
Владата на Кирил Петков падна кон крајот на јуни откако партијата Има таков народ на Слави Трифонов излезе од владината коалиција поради наводната попустливост кон Македонија и немањето пари во буџетот.
Предвремените парламентарни избори се закажани за 2 октомври.