Бектеши: Измена на цените на регулираниот пазар нема да има до 31 декември
Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соопшти дека измена на цените на струјата на регулираниот пазар нема да има до 31 декември.
„Во делот на поддршката на микро и малите компании кои се на регулиран пазар веќе има одлука од РКЕ која важи до 31 декември. Измена на цените на регулираниот пазар нема да има до 31 декември. Со новата одлука на РКЕ согласно податоците што ќе ги дадат ЕСМ, МЕПСО и ЕВН дистрибуција за првите шест месеци од наредната година, тогаш РКЕ ќе излезе и ќе ги каже новите цени за регулираниот пазар, а ние ќе даваме инпут преку ЕСМ со намалување на цената на производство, со намалување на одредени барања на МЕПСО“, рече Бектеши, одговорајќи на новинарско прашање по средбата во Стопанската комора со 10-те компании најголеми потрошувачи на електрична енергија.
Како што истакна Бектеши, РКЕ треба да ги признава барањата што ги доставува ЕВН.
Владата предлага продолжување на енергетската кризна состојба
Бектеши исто така информира дека се уште траат преговорите со термоелектраната ТЕ-ТО, но тој очекува, како што рече, дека ќе се најде решение. Од ТЕ-ТО нема гаранција дали ќе можат да ја произведат потребната електрична енергија за претстојната грејна сезона.
„Во однос на парното кое треба да почне од 15 октомври се преговара со раководството на ТЕ-ТО. Убеден сум дека ќе се најде решение. ТЕ-ТО би било поддршка и би било добро да функционира. Убеден сум дека ќе функционира, како лани кога се најавија вакви проблеми,“ рече Бектеши.
Министерот информираше дека македонска делегација утре заминува во Софија за да ги заокружи преговорите со Бугарија околу обезбедувањето на потребните количини електрична енергија, а тимови од Србија денеска престојуваат во земјава и се прават последните договори за продлабочување на соработката.
Компаниите, пак, до вторник треба да ги формулираат барањата, но денеска конкретно посочиле дека сакаат да бидат директно вклучени во мерките што ги конципира Владата за 28 септември.