Сирија: Израел изврши воздушен напад на меѓународниот аеродром во Дамаск
Израел изврши воздушен напад на сирискиот меѓународен аеродром во Дамаск и на уште неколку други места на југот на главниот град на таа земја, при што загинаа пет војници и беше причинета голема материјална штета, соопшти сириското Министерство за одбрана.
Сириската противвоздушна одбрана го пресретнала тој напад и успеала да собори поголем дел од проектилите, се вели во соопштението на Министерството.
Како што пренесуваат странските агенции, се уште нема потврда дали ударот влијаел на операциите на аеродромот.
Израел ги интензивираше нападите врз сириските воздушни пристаништа за да ја наруши зголемената употреба на линиите за воздушно снабдување од страна на Техеран, кој ги снабдува со оружје своите сојузници во Сирија и Либан, вклучително и Хезболах, објави Ројтерс од регионални дипломатски и разузнавачки извори.
Израел и Турција ги обновуваат целосните дипломатски односи
Техеран се одлучи за воздушен транспорт како посигурен начин за транспорт на воена опрема до своите сили и сојузничките борци во Сирија, по прекинот на копнените трансфери.
Стотици илјади Сиријци загинаа, а милиони останаа без покрив над главата откако протестите против сирискиот претседател Башар ал-Асад се претворија во граѓанска војна во 2011 година, привлекувајќи странски сили и оставајќи ја Сирија поделена на зони на контрола.