Триесет и шест загинати во судирите на границата меѓу Киргистан и Таџикистан
Киргистанските власти соопштија дека бројот на загинати по повеќедневните престрелки долж границата со Таџикистан се искачил на 36.
Киргистанското Министерство за здравство на 18 септември соопшти дека уште 12 тела биле извлечени од регионот Баткен, најтешко погодената локација во Киргистан.
Таџикистан не објави официјални податоци за загинатите, но неименувани официјални лица за таџикистанскиот сервис на РСЕ изјавија дека најмалку 39 таџикистански државјани загинале како резултат на граничниот конфликт.
Кон крајот на 17 септември, само неколку часа по стапувањето на сила на примирјето, двете страни известија дека неколку погранични села биле погодени од гранатирање.
Киргистан и Таџикистан се договорија за прекин на огнот
Таџикистанските власти ги обвинија киргистанските сили и соопштија дека четири лица биле повредени, а три куќи биле уништени.
Извештајот не можеше веднаш да биде независно потврден.
Граничните прашања во Централна Азија во голема мера потекнуваат од советската ера кога Москва се обиде да го подели регионот помеѓу етнички групи чии населби често се наоѓаа меѓу оние од други етникуми. И двете земји сè уште се домаќини на руски воени бази, а Москва повторно на 16 септември повика на прекин на борбите.