Ограничените маржи за основни прехранбени производи ќе останат до крајот на годината
Ограничени трговски маржи на основните прехранбени производи ќе бидат продолжени до крајот на годината, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој потсети дека владината одлука за маржите истекува на 30-ти месецов, но појасни и дека се прави анализа за нивниот ефект и потребата од редизајнирање.
Инфлацијата ги изеде оброците
„Веќе се прави анализа во Секторот за трговија какво влијание имале мерките и дали треба нивно редизајнирање. Ќе разговараме дополнително во текот на оваа и наредната недела со Стопанската комора за нивни дополнителни барања и можностите со кои ние располагаме во моментов и можеме да излеземе во пресрет“, изјави Бектеши.
Владата на 14 јуни донесе Одлука за замрзнување на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо со важност до 30. месецов. Според одлуката маржата за бел леб, шеќер и сончогледово масло е пет отсто во трговијата на големо и на мало, а за јајца, брашно, макарони и шпагети од тврда пченица, бел ориз и млеко 10 отсто.
Сепак ова не го запре растот на цената на храната, која кај одредени производи речиси и да се дуплираше, споредено со минатата година. Најголемо поскапување има кај маслото за јадење и лебот.