Четворица загинати, десет повредени лица во експлозија во Кабул
Најмалку четири лица загинаа, а 10 се ранети во експлозија што се случи во близина на џамија во Кабул, соопштија болнички службеници во главниот град на Авганистан.
Експлозијата на 23 септември се случи во Вазир Акбар Кан, област во која порано се наоѓала градската „зелена зона“, дом на многу странски амбасади и НАТО, но сега е под контрола на владејачките талибанци.
Експлозијата се случила додека луѓето ја напуштале попладневната молитва, соопштија властите, чии безбедносни сили ја опколиле областа.
Засега никој не ја презел одговорноста за експлозијата.
Над 20 загинати во експлозија во џамија во Кабул
„Сите жртви се цивили, а точниот број се уште не е познат“, изјави портпаролот на полицијата во Кабул, Калид Задран.
Експлозијата е последна во серијата смртоносни напади во џамии за време на петочната молитва во последниве месеци.
Одговорноста за некои од нив ја презеде милитантната група Исламска држава.
По дваесет години присуство во Авганистан, Соединетите Американски Држави ја напуштија таа земја во август 2021 година, по што Талибанците се вратија на власт во Кабул.