Најмалку 57 луѓе се убиени во антивладините протести ширум Иран
Најмалку 57 луѓе се убиени во антивладините протести ширум Иран, предизвикани од смртта на 22-годишна жена која почина откако беше приведена во полиција поради наводно неправилно носење хиџаб, соопшти организација за заштита на човекови права.
Иранската организација за човекови права на 25 септември соопшти дека поради блокирањето на интернетот од страна на владата во Иран, тешко е да се потврди значителен број извештаи добиени за смртта на демонстрантите. Официјалниот број на загинати изнесува 41.
Антивладините протести ја потресуваат земјата веќе 10 ноќи по ред по смртта на Махса Амини.
Најмалку 35 загинати на протестите во Иран
Таа почина во притвор на 16 септември, три дена откако полицијата за морал ја приведе поради наводно прекршување на правилата за облекување, зашто ја носела хиџаб марамата на „неприкладен начин“. Полицијата за морал е единица одговорна за спроведување на строгиот кодекс за облекување на жените во Исламската република.
Официјални лица рекоа дека таа починала од срцев удар, но нејзините роднини и некои организации за заштита на човекови права го отфрлија тоа тврдење велејќи дека таа била во совршено здравје и дека веруваат дека била претепана за време на престојот во притвор.
Апликациите за испраќање пораки WhatsApp, Instagram и Skype се блокирани, а пристапот до Интернет во Иран е ограничен над нормалното ниво. Според веб-монитор NetBlocks - Фејсбук, Твитер, ТикТок и Телеграм беа забранети уште пред последниот бран протести.