Северна Кореја тестираше две ракети под надзор на Ким Џонг Ун
Северна Кореја тестираше две стратешки крстосувачки ракети со долг дострел под надзор на државниот лидер Ким Џонг Ун, кој го претстави тестот како уште една успешна демонстрација на способноста за нуклеарни удари на земјата, објави денеска агенцијата КЦНА. Последниот тест следи по рекордната серија ракетни тестови оваа година кои ги зголемија тензиите на Корејскиот полуостров и ги зголемија стравувањата дека Пјонгјанг би можел да го изврши својот прв нуклеарен тест од 2017 година. Ким Џонг Ун лично го надгледувал вчерашното лансирање на ракетата, која поминала 2.000 километри над Жолтото Море, соопшти КЦНА. Севернокорејската агенција додаде дека проектилите ја достигнале целта.
Северна Кореја потврди дека извршила неколку тестови на тактичко нуклеарно оружје
Ким Џонг Ун изрази „големо задоволство“ поради овие тестови, чија цел е зајакнување на борбената ефикасност на ракетите распоредени во единиците на Корејската народна армија за „операција на тактичко нуклеарно оружје“. Пјонгјанг претходно оваа недела рече дека неодамнешните ракетни тестови се „тактички нуклеарни вежби“ кои симулираат напад врз Јужна Кореја. По вчерашните ракетни тестови, севернокорејскиот лидер изјави дека неговата земја треба да ја „прошири оперативната сфера на стратешките нуклеарни вооружени сили“. Минатиот месец Северна Кореја ја ревидираше својата нуклеарна доктрина за да дозволи превентивни напади. Ким рече и дека Северна Кореја е „неповратна“ нуклеарна сила, со што се доведува во прашање секоја можност за преговори за нуклеарниот арсенал на земјата.