Пратениците едногласни за изменување на Законот за здруженија и фондации
Пратениците со 84 гласа „за“ и без ниту еден против или воздржан дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ.
„Последниве седум месеци сме сведоци на отворање т.н. културни клубови под називи на контроверзни личности, нацисти и фашисти. Со овој закон би требало да се стави крај на отворање вакви здруженија и фондации“, рече Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ која го образложи предлог законот.
Бугарски здруженија и клубови - или промена на име или бришење
Со измените, како што посочи, се предлага како име, скратено име и/или назив на организација да не можат да бидат употребувани имиња, презимиња, прекари, псевдоними, кратенки и иницијали на лица кои по било кој основ, начин или форма во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстреминација, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, национал-социјализам и третиот рајх.
СДСМ предлага измени со кои партиите ќе се дистанцираат од фашизам
Пратениците со 76 гласа „за“, без ниту еден против или воздржан, исто така дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за политичките партии, поднесен од пратеници од владејачките партии.
„Апсолутно, да нема никакви дилеми, немаме против никакво здружување, но мора да застенеме во одбрана на нашите темели, а тоа се антифашистичките вредност. Предлагаме, политичките партии во своите програми да не можат да бидат насочени кон разгорување омраза, етничка или каква било друга нетрпеливост, ширење фашизам, нацизам“, рече координаторот на СДСМ Јован Митрески, образложувајќи го предлогот.
Денешната седница почна со задоцнување поради технички причини. Продолжението на седницата е закажано за утре во 11:00 часот.