Донев: Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е обврска кон сите земји членки на ЕУ
Бугарскиот премиер Галaб Донев денеска изјави дека внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е обврска не само кон неговата земја, туку и кон сите останати земји членки на Европската унија. Доколку се направат уставните измени, дали Бугарија може да даде гаранции дека нема да има повеќе нови блокади на европскиот пат, Донев рече дека патот за членство на Република Северна Македонија во Европската унија поминува низ потписот на апсолутно сите 27 земји членки.
„Затоа патот по кој треба да се движите е строго исполнување на сите критериуми и договори кои се преземени пред ЕУ како целина. Бугарија е дел од ЕУ и Бугарија ги постави своите услови, но условите кои се веќе утврдени од земјите членки на ЕУ се поддржани со потпис од сите 27 земји. Така што, тоа што е во договорот и тоа што треба да се исполни за да биде одржана правата меѓувладина конференција, која што го означува стартот на преговорите за членство во ЕУ, тоа е нешто кон кое треба да се стреми Република Северна Македонија“, изјави
Донев, одговарајќи на новинарски прашања по означувањето на почетокот со градба на источниот дел од железничкиот Коридор 8, секција Куманово – Бељаковце – Крива Паланка.
Со членството во ЕУ, според Донев, обврските на земјата се прошируваат, исто како и правата и слободите на граѓаните.
„Затоа има голем број договори, конвенции и Копенхашките критериуми кои треба да ги исполни секоја една држава, така што граѓаните на ЕУ ги уживаат еднакво исто сите права и обврски кои ги има секој еден граѓанин на ЕУ. Тоа е еден долг и сложен процес, но резултатот и изминатиот пат е еден подобар живот за граѓаните на земјата која станува членка на ЕУ. Едно подобро ниво на живот, подобра благосостојба, живот без граници меѓу државите, слободен проток на стоки и луѓе. Тоа се основните принципи кои си ги поставува ЕУ како цел“, изјави Донев.
Отворањето на Уставот како одење по жица
Македонија и Бугарија во 2017 го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Потоа Бугарија го блокираше почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија оспорувајќи го јазикот и историјата. Тоа беше надминато со францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка, по што уследи првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ на 19 јули годинава. За да продолжи евроинтегративниот процес Македонија треба да направи измени на Уставот, односно да се внесат Бугарите во Преамбулата.