Ковачевски: Лидерската средба е за одлуки со широк политички консензус
Лидерската средба ја свикав со цел заедно со сите политички партии кои се застапени во Парламентот да разговараме за европската иднина на државата и за сите одлуки коишто треба да ги носиме во еден широк, општествен и политички консензус. Убеден сум дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата од лидерската средба.
„Дел од разговорите, нормално ќе биде скрининг процесот којшто се одвива после првата меѓувладина конференција помеѓу нашата дражва и ЕУ, објаснувачкиот скрининг и подготовките за билатералниот скрининг, потоа сите оние клучни аспекти коишто се однесуваат на интегрирањето на државата во ЕУ, а тоа е, пред се, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата, економските аспекти на нашата соработка со ЕУ, бидејќи да не заборавиме интеграцијата во ЕУ не е само прашање на интеграција, не е само политичко прашање, туку веќе станува и економско прашање“, рече во одговор на новинарско прашање што очекува од лидерската средба која ја свика за в понеделник.
Претходно денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека ќе присуствува на средбата закажана за в понеделник. Тој рече дека граѓаните од лидерите очекуваат решенија за сиромаштијата, кризата, нискиот стандард и инфлацијата, а не за интеграциите или уставните измени.
Мицкоски: Ќе присуствувам на лидерската средба
Ковачевски кани на лидерска средба на 7 ноември
Ковачевски пак повтори дека веќе во јануари од ЕУ ќе ја добиеме првата транша од 80 милиони евра за справување со кризата, но и една голема сума финансиски средства, пред се, инвестициски, со цел енергетска транзиција на државата.
„Дополнително на тоа, нашата држава е практично раскрсница на новите гасоводи и на новите терминали коишто се прават во регионот, и исто така, тоа треба да биде еден од приоритетите на нашата држава во однос на носењето на одлуките. Сето ова практично претставува еден комплекс на интегрирањето на нашата држава во ЕУ и затоа треба да се разговара со сите политички партии, коишто јас сум убеден дека ќе дадат поддршка во носењето на брзи и квалитетни одлуки во Собранието на државата,“ истакна премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски во средата испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус.