Сајтот на бугарското разузнавање нападнат од руски хакери
Станува збор за хакерски напад DDoS кој привремено го отежна пристапот до веб-страницата на агенцијата. Покрај веб-страницата на бугарското разузнавање, нападнати се и сајтовите на разузнавачките агенции на Полска, Романија, Молдавија и Естонија, пренесува дописникот на МИА од Софија.
Руската хакерска група Килнет, зад чија организација се претпоставува дека стојат руските власти, соопшти за нападот на својот канал Телеграм.
Според соопштението, актуелниот напад е извршен во саботата и „е поздрав до сите руски разузнавачи“ по повод празникот на руското воено разузнавање.
Зачестените сајбер напади на државни сајтови го вклучуваат црвениот аларм
Владиниот портпарол Антон Кутев потврди дека за кратко време не функционирала веб-страницата на Државната разузнавачка агенција и дека немало протекување податоци.
Пред еден месец, истата руска група ги нападна и веб-страниците на бугарската претседателска институција и Министерството за внатрешни работи, како и водечки медиуми во земјата.