Абази ќе биде наименуван за шеф на Обвинителството за борба против организиран криминал
Новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази денеска официјално ќе биде именуван на седница на Советот на јавни обвинители.
На дневен ред на 70-тата седница, исто така, е и носење одлука за објавување на оглас за избор на четири јавни обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако на 27 октомври Советот не избра ниту еден од шестмината пријавени кандидати на претходниот оглас.
Советот, според најавениот дневен ред, ќе треба да донесе и одлука за избор на Виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје и во Гостивар, како и одлука за избор на по еден основен јавен обвинител во ОЈО Битола, ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кавадарци и ОЈО Куманово.
За шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје пријавени се актуелниот обвинител Мустафа Хајрулахи и вишите обвинители Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми, кои порано беа дел од сега веќе згласнатото Специјално јавно обвинителство (СЈО).
Абази на изборите на 7 ноември, освои најмногу гласови– 66, втор од четворицата пријавени кандидати по број на добиени гласови беше Ермон Незири со 64 гласови, досегашната шефица на ова обвинитество Вилма Русковска доби 14 и Деса Пауновска десет гласа.
Ова е прв ваков избор на шеф на Обвинителствот за гонење организиран криминал по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите 160 јавни обвинители во земјава.
Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.
Абази, на прес конференција за медиумите еден ден по изборите, рече дека работата во ова јавно обвинителство ја гледа како предизвик и смета дека со своето досегашно искуство и професионално и законито работење ќе го претставува ОЈО ГОКК.
Дамка на изборот на Абази, испливаа фотографии со членови на ДУИ
Дамка на изборот на Абази беа објавените фотографии со челници на ДУИ, иако тој претходно негираше дека нема лични контакти со партијата на власт. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека изборот на Абази за наследник на Русковска е партиско политички договор на власта, а државата Антикорупциска комисија изрази сомнеж во критериумите за избор.